Новости

5ти јуни - Светскиот ден за заштита на животната средина

5 Јуни, 2017

На 5 јуни го одбележуваме Светскиот ден за заштита на животната средина - иницијатива на ОН која се претворила во глобална платформа за јавен дијалог и соработка помеѓу над 143 земји во светот за прашања поврзани со заштитата на животната средина, глобалното затоплување, одржлива потрошувачка на населението, злосторства против дивиот свет и др.

Денот на животната средина е најголемиот годишен настан за поттикнување и подржување еколошки иницијативи. За прв пат тој е прогласен од страна на Генералното собрание на ОН во 1972 година, и оттогаш досега, земјите и организациите членки на ОН организираат и спроведуваат различни активности кои ја поддржуваат заштитата и подобрувањето на состојбата со животната средина.

Секоја година се определува симболична тематика поврзана со најважните моменти во текот на годината, како на пример, зелена економија, топењето на мразот, глобалното затоплување, зелените градови, состојбата на морињата и океаните, климатските промени и глобалното партнерство за овие прашања, како и многу други.

Фокусот на Светскиот ден на животната средина оваа година е "Да ги поврземе луѓето со природата" и цели да го насочи вниманието и да го охрабри излегувањето во природа се со цел да ја оцениме нејзината убавина и вредност, и заедно да вложиме напори за заштита на нашата планета Земја.

Оваа година домаќин на иницијативата е Канада, која ќе биде во центарот на прославите и настаните во светот.