Новости

Што е компост и како да компостираме?

25 јули 2017

Компостирањето е разградување на биоотпадот со помош на низа живи организми, при што настануваат јаглерод диоксид, вода, топлина и компост. Тоа е најстариот и најприроден начин на рециклирање на отпадот! Во биоотпад кој може да се компостира спаѓа кујнскиот отпад (од готвена храна) и градинарски или зелен отпад.

Зошто да се компостира?

Прво, затоа што штедиме пари. Компостот е квалитетно органско ѓубриво кое е потполно бесплатно.

Втората причина е затоа што така ја штитиме околината. Со компостирање количината на отпад која завршува на депониите може да се намали за дури 1/3! Со тоа помагаме во разрешување на горливиот проблем со чистотата на околината кој го има Р. Македонија. Со одвојување на отпадот се намалува загадувањето на подземните води кои се наоѓаат во близина на депониите, се намалува создавањето на стакленички гасови (пред сѐ метан) кои придонесуваат за промена на климата, а со тоа се намалува и опасноста од пожари.

Со компостирањето се избегнува и потребата од користење на вештачки ѓубрива кои го намалуваат квалитетот на водата и почвата, а го загрозуваат и здравјето на луѓето, животните и растенијата.

Компостот исто така ја подобрува и структурата на земјата и спречува нејзино сушење.

Што е потребно?

Пред сѐ, отпад. И тоа отпад богат со азот (остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе и чај, трева…), отпад богат со јаглерод (суви лисје, гранки, сено, слама, пилевина, иглички од зимзелени растенија…) и вода и воздух. Препорачливо е да се избегнува месо, коски и млечни производи бидејќи привлекуваат животни и испуштаат непријатен мирис. Забележано е и дека кората од некои растенија, како лимон, го успорува компостирањето, па се препорачува да не се меша во големи количини. Исто така, никако во смесата за компост не ставајте заболени делови од растенијата или пак плевел!

Органски отпад

Добивање на компост

Компостот се добива на прилично едноставен начин и во 6 чекори.

  • Целиот материјал треба да се раситни во големина од неколку сантиметри, со цел полесно да се разгради
  • Во еднаков сооднос ги мешаме отпадот богат со азот (брзо се распаѓа и обезбедува влага) и отпадот богат со јаглерод (побавно се раградува и обезбедува воздух во смесата)
  • Материјалот го собираме во купче кое додатно можеме да го оградиме со жица, дрва или тули (компостер). На дното на купчето пожелно е да се постават гранки, како би се обезбедило снабдување со воздух. Компостната смеса треба да ја зашитиме од прејако сонце или од дожд, на пример со настрешница (да се избегнува покривање со најлонски или пластичен прекривач)
  • Смесата повремено (барем еднаш месечно) треба да се преврти да би се обезбедило дишење (снабдување со воздух), но притоа не смее да се збива смесата. Воздухот е битен за раст и развој на организмите во компостот и спречува појава на непријатни мириси
  • Ја проверуваме влажноста. Се зема еден грст од смесата в рака и нежно се стиска. Ако од дланката протекува течност, има премногу вода. Обратно, ако во дланката се осеќа сувост, потребно е повеќе вода. Кога материјалот во раката останува збиен како грутка, влажноста е умерена (добра)
  • Кога компостот ќе стане расресит, со темна боја и ќе поприми мирис на „шумска земја“ (отприлика после 9 месеци), спремен е за употреба и може да се измеша со земјата која сакаме да ја наѓубриме

Ова е едноставен метод на компостирање. Со придржување кон овие прости правила и со малку пракса, можете да увидите кој метод и која смеса вам најмногу ви одговара.

Овој текст е преземен од Енергетска ефикасност