Новости

Одржан Зелениот камп „Уметност од Отпад“ во Дојран, Македонија

10 октомври 2017

Од 6ти до 8-ми октомври 2017 година во хотел Истатов – Дојран, се одржа тридневен зелен камп на тема „Уметност од отпад“ со цел едукација и подигнување на свеста на најмладите за правилното постапување со отпадот. Кампот е организиран од Здружението на граѓани „Центар за климатски промени“ – Гевгелија.

На зелениот камп учествуваа 30 ученици од Р. Македонија и Р. Бугарија кои имаа прилика да научат како правилно да постапуваат со отпадот, а истовремено и меѓусебно да се дружат и да развијат пријателства.

За прв пат официјално беше промовирана тренинг програмата за неформално образование за управување со отпад која е наменета за учениците од 6-то до 9-то одделени во Р. Македонија, односно за учениците од 5-то до 8-мо одделение во Р. Бугарија. Оваа програма е изработена за да им користи на наставниците од основните училишта за едукација и подигнување на свеста за правилното постапување со отпадот и може да се применува на часови по биологија, хемија, природни науки како и за време на еколошките секции. Учесниците на зелениот камп научија како правилно треба да селектираат отпад, начини како да создаваат помалку отпад и кои се негативните последици врз животната средина од несоодветното постапување со отпадот. Интересно е дека свеста кај помладата популација за значењето од селектирањето на отпадот е на многу високо ниво и воедно тие во голем дел ја применуваат во нивните основни училишта, каде прават селекција на хартија, пластика и стакло.

Во рамките на зелениот камп се одржа и креативна работилница каде учесниците беа поделени во тимови. Секој од тимовите работеше со различни материјали и тоа, отпадна хартија, отпадна пластика, отпадно стако и текстил и изработија различни уметнички креации. Повеќе фотографии од самиот настан како и од изработените креации можат да се најдат на интернет страната на проектот www.waste-edu.eu.

Зелениот камп е дел од проектните активности на проектот „Прекугранично партнерство за заштита на животната средина и подобар квалитет на живот, кој е финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка на Р.Македонија и Р.Бугарија а имплементиран од ЗГ„Центар за климатски промени“ и „Сојуз на производители на еколошка енергија“ - BG. Целта на проектот е да се интензивира и промовира прекуграничната соработка помеѓу луѓето и институциите за заедничко решавање на еколошки проблеми поврзани со управувањето со отпадот и спречување на загадувањето во пограничниот регион, преку што ќе се овозможи подобар квалитет на животот во регионот.