Новости

Центар за климатски промени- Гевгелија организираше еднодневен настан по повод „Светскиот ден на животната средина“

06 Јуни, 2019


По повод „Светскиот ден на животната средина“, Центар за климатски промени- Гевгелија организираше еднодневен настан во Општина Гевгелија. Во рамките на настанот беше организирана парада за чист воздух во која учествуваа 50 дечиња од ЈОУДГ „Детска радост“. Парадата се одржа во центарот на Гевгелија, каде најмалите парадираа со изработените транспаренти со пораки за чиста животна средина, воедно изведоа музичка точка и рецитираа песни со еколошки пораки. Со ова најмладите пратија силна порака дека сакаат да живеат во чиста и здрава и животна средина и дека треба да внимаваме како се однесуваме кон неа.

Настанот продолжи со презентации за загадување на воздухот и неговите штетни влијанија во основните училишта „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“. Во рамките на презентациите учениците имаа можност да се запознаат со составот на воздухот, начините како може да загади, како се мери квалитетот на амбиенталниот воздух и препораки како може да се намали/спречи неговото загадување.

Настанот беше организиран во рамките на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот во прекуграничен регион (TRAP)“ спроведуван од Центар за климатски промени и Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, и е финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за пекугранична соработка Македонија - Грција.