Новости

Создавање на отпад (како се создава отпадот)?

9ти Јуни 2017

Отпадот се создава при човековите активностите и се гледа како неизбежен нус-продукт од економските активности (отпад кој се создава од неефикасните производствени процеси, од краткотрајноста на стоките и неодржливото консумирање на истите).

Создавањето на отпадот укажува на губење на материја и енергија и наметнува трошоци на општеството и државата за собирање, третман и депонирање на отпадот.

Отпадот е еден од главните еколошки проблеми во многу европски земји, па и во Република Македонија земајќи го во предвид фактот дека количините на отпад постојано се зголемуваат.

Најголем дел од отпадот во Република Македонија се депонира на легалните и илегалните-таканаречени диви депонии. Рециклирањето на отпадот во Република Македонија е многу малку застапено.

Влијанието на депониите врз животната средина, а со тоа и врз здравјето на луѓето е големо поради тоа што се емитираат стакленичките гасови (метанот), органски микрополутанти (диоксини и фурани), испарливи тешки метали во воздухот и исцедокот од депониите кој се емитира во почвата и подземните води, а кој може да содржи токсични супстанции.

Значајни се иницијативите за промоција на процесите за намалување на количините на отпад, негово рециклирање и имплементирање на безбедни стандарди за депонирање на отпад.

Примарна цел во земјите во Европската Унија како и во Република Македонија е да се воспостави силна врска помеѓу економскиот раст, користењето на природните ресурси и продукцијата на отпад, а со цел да се намали товарот врз животната средина.

Во Вториот Еколошки акционен план на Република Македонија се наведени одредени цели во врска со отпадот и тоа интегрирано управување со отпадот, ефикасна институционална и организациона поставеност и подобрена инфраструктура за управување со отпад.

Според законската регулатива за отпад во Република Македонија приоритети при управување со отпад се следните:

  • Избегнување на создавање на отпадот и намалување на штетните влијанија на отпадот врз животната средина и животот и здравјето на луѓето.
  • Подобрување на производствените технологии со што се намалува создавањето на отпадот и употреба на еколошки продукти и помалку пакувања.
  • Рециклирање и повторна употреба на отпадот или во друг процес за екстракција на секундарни суровини или да се користи како извор на енергија.
  • Главно создавањето на отпад доаѓа од производствените активности, од каменоломите и рудниците, од градежништвото, отпад од земјоделството и шумарството, комуналниот отпад итн.

Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање